Од 24 до 26 Март на Шар Планина се одржа зимскиот испит за кандидатите кои се обучуваат за професионални водичи во планина согласно со програмата на меѓународната унија на професионални водичи - UIMLA. На испитот присуствуваа 24 кандидати кои ја започнаа својата обука во Мај 2014 и Април 2015 година. Во текот на трите денови теренска работа кандидатите ги демонстрираа своите вештини за движење и престој на планина во зимски услови, менаџирање на група во зимски услови и справување со најчестите ризици. Теоретскиот дел од зимскиот испит е закажан за 22 Април, а летниот испит кој исто така се состои од практичен и теоретски дел, ќе се одржи во Јуни оваа година.

 

Заради повеќе причини ова е веројатно најзначајната генерација водичи во планина кои се обучени од страна на тренинг центарот на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина. Пред се заради самиот обем на обуката во рамките на која што беа реализирани повеќе од 50 семинарски денови од кои петнаесет во зимски услови. Покрај тоа, во форма на “домашни задачи“ кандидатите минаа уште дваесетина семинарски денови под менторство на локалните инструктори. Изразено во број на наставни часови, во процесот на обуката беа реализирани вкупно 676 наставни часа.

Втората причина заради која што можеме да се гордееме со оваа генерација на идни водичи се покажаните резултати, како за време на обуката, така и при спроведувањето на контролните тестови и завршниот зимски испит. Кандидатите поседуваат одлични вештини за движење и престој на планина и работа со клиенти, но што е многу важно подготвени се за менаџирање на ризиците со кои може да се соочат при вршењето на својата професија. Постигнатите резултати не потикнуваат да работиме на натамошно кревање на стандардите за работа и критериумите за оценување на кандидатите.

Третата причина на која сме особено горди е тоа што целиот процес кој според својот обем и структура е прилично комплексен е спроведен самостојно од страна на тренинг центарот на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина, која е волонтерска организација и каде што членовите се цврсто сплотени околу идејата за етаблирање на професијата водич во планина според највисоките светски стандарди, како наш придонес кон развојот на македонскиот планински туризам и подигнување на атрактивноста и конкурентноста на Македонија како дестинација за авантуристички туризам.

Искрено се надеваме дека реалниот туристички сектор ќе го препознае квалитетот на новата генерација водичи во планина и ќе може да направи разлика помеѓу професионалниот и волунтаристичкиот приод во туризмот, правејки разлика помеѓу систем која има визија, цел и капацитети за нивно спроведување, наспроти системи кои почиваат на импровизации.

01 02
03 04
05 06