За време на генералното собрание на меѓународната унија на професионални водичи во планина - UIMLA, што се одржа од 7 до 12 Ноември во Намур, Белгија, беше едногласно усвоен позитивниот извештај од летната експертиза на техничката комисија на UIMLA, што беше спроведена во Македонија во Јуни оваа година.

 

Официјалниот извештај содржи високи оцени за организираноста на МАИВП, начинот на спроведување на летниот испит и покажаното знаење од страна на кандидатите. Инспекторите нагласено ја изразија својата воодушевеност од прецизноста во спроведување на програмата, начинот на организирање на испитот и оценување на знаењето и покажаната дисциплина од страна на кандидатите.

Официјалниот извештај од летната експертиза во Македонија, прво беше на увид во техничката комисија на UIMLA, а потоа беше разгледуван од страна на извршниот одбор и на крајот беше презентиран пред делегатите на генералното собрание на UIMLA. Извештајот е едногласно прифатен од страна на сите работни тела на UIMLA , вклучувајки го и собранието каде што делегатите неколку пати ја изразија својата радост за добиените резултати од инспекцијата во Македонија.

Со ова завршува официјалната постапка за летната експертиза. Ни следува зимската експертиза што ќе се одржи во Февруари наредната година. Структурата на зимската експертиза ќе биде различна од зимската и таа ќе биде спроведена за време на редовен семинар за обука на водичи во планина. Инструкторскиот тим на МАИВП прави огромни напори за да се подготви што е можно подобро за предстојната зимска експертиза што ќе се спроведе за време на обуката на новата генерација на кандидати.