Во организација на тренинг центарот при МАИВП, а во рамки на проектот „Поттикнување на авантуристички туризам преку подобро управување со ризици“ спроведуван од Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ и Експлор, на 02 и 03 декемвди 2017 година, во хотел Скардус, на Попова Шапка, се одржа дводневен семинар на тема „Безбедност и управување со ризици“.

За време на генералното собрание на меѓународната унија на професионални водичи во планина - UIMLA, што се одржа од 7 до 12 Ноември во Намур, Белгија, беше едногласно усвоен позитивниот извештај од летната експертиза на техничката комисија на UIMLA, што беше спроведена во Македонија во Јуни оваа година.

На 16, 17 и 18 Јуни 2017 година во националниот парк Галичица беше спроведена летна експертиза од страна на меѓународната унија на професионални водичи во планина - UIMLA.

Летната експертиза преставува инспекција од страна на техничката комисија на UIMLA која што е задолжена за спроведување на стандардите за обука и работа на професионалните водичи во планина. Летната и зимската експертиза се задолжителен дел за една национална организација на водичи во планина во процесот на верификација на програмата за обука и работа од страна на UIMLA.

Од 24 до 26 Март на Шар Планина се одржа зимскиот испит за кандидатите кои се обучуваат за професионални водичи во планина согласно со програмата на меѓународната унија на професионални водичи - UIMLA. На испитот присуствуваа 24 кандидати кои ја започнаа својата обука во Мај 2014 и Април 2015 година. Во текот на трите денови теренска работа кандидатите ги демонстрираа своите вештини за движење и престој на планина во зимски услови, менаџирање на група во зимски услови и справување со најчестите ризици. Теоретскиот дел од зимскиот испит е закажан за 22 Април, а летниот испит кој исто така се состои од практичен и теоретски дел, ќе се одржи во Јуни оваа година.