Обука на нова генерација на водичи во планина

Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина во Јуни 2019 ќе започне со обука на нова генерација водичи во планина. Обуката ќе се изведува според програмата за обука и работа на меѓународната унија на професионални водичи во планина – UIMLA (Union of international mountain leaders associations).Обуката е наменета пред се за водичи од Берово и Скопје.

Имено МАИВП потпиша договори за обука на двајца водичи од Берово за потребите на локалното туристичко здружение Малешевска Корија и со фондацијата Албиз од Сарај, за обука на пет водичи кои треба да ги зајакнат капацитетите за давање услуги во планинскиот туризам во Сарај и Матка. 

Условите кои треба да ги исполнуваат кандидатите кои сакаат да започнат со обука за водич во планина според меѓународниот професионален стандард IML (International Mountain Leader) се следните:

  • Да имаат завршено најмалку средно образование;
  • Да не се осудувани за насилство;
  • Да имаат лекарска потврда за занимавање со спорт;
  • Да се осигурани од несреќа при занимавање со планинарство;
  • Да бидат на возраст од најмалку 18 години;
  • Да имаат завршено основна обука за движење и престој на планина;
  • Да имаат познавања за планинската географија на Македонија;

Приемот во процесот на обука се врши во неколку фази:

  1. Доставување пријава (може да се симне од веб страната на МАИВП);
  2. Селекција преку:
    - Тест за физичка подготвеност
    - Писмен тест
    - Интервју со кандидатот

Тестовите се спроведуваат во присуство на тројца инструктори од МАИВП, а приемот го потврдува извршниот одбор.
Обуката ќе започне кон крајот на месец Јуни 2019 година.

Дополнителни информации може да се добијат во МАИВП.