Процесот на обука на водичите во планина се изведува во тренинг центарот на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина.
Обуката се одвива во три фази:

Прва фаза: Селекција на заинтересираните кандидати

Задолжителни услови за вклучување во обуката

Кандидатите кои сакаат да влезат во процесот на обука за професионални водачи во планина треба да ги исполнуваат следниве услови:

  • Возраст од најмалку 18 години;
  • Завршено образование - најмалку ССС;
  • Завршена основна планинарска обука;
  • Да не им е одземена работната способност;
  • Да не се осудувани за насилство.

Приемен - селективен тест

Пред почетокот на обуката секој кандидат треба да мине приемен контролен тест. Тестот се состои од теоретска и практична проверка на нивото на подготвеност за влегување во процесот на обуката.

Критериумите за овие тестови се изработуваат според задолжителните минимални стандарди кои се препорачани од страна на меѓународната унија на водачи.

Втора фаза: Обука до стекнување на диплома за називот Водич во планина

Процесот на обука на кандидатите до стекнување диплома за називот Водич во планина се состои од 676 наставни часови од кои 91 час се теоретска обука и 585 часови се практичен тренинг. Обуката е поделена во 11 тематски модули.

Обуката во оваа фаза се изведува во форма на семинари кои се со различно времетраење, најчесто од 3 до 5 дена, како и дополнителна обука под менторство на локален инструктор. Во текот на оваа фаза од обуката се организираат во просек 10 до 12 повеќедневни семинари. Конечниот број на семинари зависи од степенот на совладување на програмата за обука од страна на кандидатите.

Трета фаза: Стажирање

Со стекнувањето на дипломата за “Водич во планина" лицето може да започне со стажирање под менторство на професионален водич во планина. Стажирањето треба се одвива под контрола на тренинг центарот на МАИВП.

Ова е процес во кој идниот водич работи под надзор на искусен професионален водич. По завршувањето на стажирањето лицето добива уверение за завршена обука за планински водич, легитимација за вршење на дејноста и беџ на организацијата.

За време на стажирањето лицето треба да реализира најмалку десет тури на планина во својство на водич со клиенти, планинари или рекреативци. Турите се изведуваат во координација или под надзор на професионален водич во планина.