Програма за обука на професионални водачи во планина според IML (International mountain leader) стандардот


Вовед

IML (International mountain leader) стандардот претставува меѓународен стандард за професионалните водачи во планина кои се занимаваат со водење клиенти на пешачки планинарски тури, т.е. планинарски тури на ‘‘не технички терен‘‘ каде што не е потребно познавање на специјализирани планинарски техники и вештини, како што се алпинизам или спелеологија и каде што нема потреба од користење на алпинистичка опрема.
Заради техничката особеност на ваквиот тип активности, оваа категорија на планинарски тури уште се викаат и mountain walking tours.

Програмата за обука што следува, се однесува на обуката на водачи во планина според IML (International mountain leader - mountain walking tours) и таа е и мора да биде прилагодена според стандардите на меѓународната унија на професионални водачи во планина UIMLA - Union of International Mountain Leaders Associations. Стандардите на оваа организација се препорачани од страна на ЕУ - "European Union Directive for development of common standards for professional mountain leaders throughout Europe".
Македонската асоцијација на интернационални водачи во планина - МАИВП е национална организација на професионалните водачи во планина од Македонија. Македонската организација на водачите во планина - МАИВП е членка на меѓународната унија на професионални водачи во планина - UIMLA. Со членството во меѓународната организација, лиценците што ги издава МАИВП имаат меѓународна валидност, но од друга страна тоа повлекува и обврски за придржување до меѓународните стандарди за обука и лиценцирање на водачите и почитување на нормите за идното професионално работење.

Стандардите за обука на водачите во планина препорачани од страна на UIMLA се дефинирани во релативно строга рамка и истите се прифатени од страна на европското законодавство. Во најголемиот број од земјите членки на UIMLA, обуката и лиценцирањето се врши во специјализирани тренинг центри на асоцијациите на водачите или ним слични институции. При изведувањето на завршниот испит, владата т.е. ресорното министерство, партиципира со еден член во испитната комисија.

Во Република Македонија во тек е имплементирање на законска процедура (Закон за измени во Законот за туристичка дејност/ Закон за водачи во планина) каде што професијата Водач во планина ќе биде прецизно дефинирана и регулирана. Според законските решенија, процесот до лиценцирање на идните водачи во планина ќе се одвива во три фази:

  1. Обука до стекнување диплома за Аспирант за Интернационален Водач во Планина;
  2. Стажирање под менторство на лиценциран водач квалификуван за супервизија на аспиранти;
  3. Завршен испит за стекнување лиценца за работа, кој се полага пред државна комисија составена од преставници на ресорното министерство (Економија), асоцијацијата на водачи и туристичката комора.
  4. Лиценцата има валидност на државен документ и се издава со рок на важност од една година. За продолжување на важноста на лиценцата, водачот е должен еднаш годишно да посети семинар за релиценцирање кој обично трае два до три дена.

Водењето клиенти во планина содржи елементи од повеќе различни дисциплини и вештини, а не само познавање на туристичкото работење, кое во суштина е само дел од целокупното работење на водачот. Тргнувајки токму од специфичниот карактер на дејноста, неопходно е да се постави квалитетен систем за обука, со цел извршувањето на професијата да биде пред се безбедно, а потоа и квалитетно, согласно со сите стандарди на модерното туристичко работење.

Токму затоа процесот на обука е поделен во неколку фази, кои меѓусебно поврзани во заедничка целина, ќе овозможат формирање на квалитетен професионалец кој ќе може компетентно да ги извршува своите задачи и да дава квалитетни услуги во рекреативниот туризам на планина.

Цел на обуката

Обуката за водачи во планина има за цел да ги оспособи кандидатите, идните водачи, за извршување на следниве активности:

  1. Да бидат способни да придружуваат клиенти и безбедно да водат групи на планина, во летни и зимски услови.
  2. Да бидат спсособни да вршат процена на нивото на подготвеност на клиентите во корелација со тежината на планинарската тура.
  3. Да бидат способни да извршат правилно планирање на планинарската тура и истата безбедно да ја реализираат придржувајки се до основните принципе за безбедност на планина.
  4. Да знаат правилно да ракуваат со личната и колективната планинарска опрема, како и да ги познаваат принципите за нејзино чување и одржување, и за истото да ги советуваат лицата кои им се доверени на водење во планина.
  5. Да ги познаваат основните принципи на метеорологијата и предвидување на временските прилики.
  6. Да ги познаваат принципите за ориентирање во планина во различни временски прилики и на различен по конфигурација терен.
  7. Да се грижат за планинарската инфраструктура.
  8. Да ги запознат учесниците во планинарската тура со природните специфики на планинскиот локалитет, како и со културните и историските особености на местата низ кои се движат.
  9. Да бидат способни да укажуваат прва помош во планина.
  10. Да знаат успешно да раководат со групата која што ја водат, вклучувајки и превенција и разрешување на евентуални внатрешни конфликти.
  11. Да ги познаваат основните принципи на работењето во туризмот, како на домашниот пазар така и на меѓународниот.
  12. Да ги познаваат основните нормативи за осигурување и безбедност во туризмот, со акцент на планинскиот туризам.
  13. Да ги познаваат принципите на екологијата и еколошкото делување на планина.
  14. Да ги познаваат принципите и да делуваат во областа на заштитата на природното и културното наследство.

Реализација на обуката


Стручен тим

Обуката за професионални водачи во планина според IML стандардот, согласно со регулативата за работа на меѓународната унија на професионални водачи во планина и предлог измените во Законот за туристичката дејност во Република Македонија, ја изведува тренинг центарот на Македонската асоцијација на интернационални водачи во планина.
Стручниот тим на тренинг центарот е составен од водачи во планина - инструктори и демонстратори, универзитетски наставници и туризмолози. Научно педагошкиот и искуствено практичниот капацитет на тренинг центарот ги задоволува највисоките стандарди за практична и теоретска обука, препорачани од страна на меѓународната унија на професионални водачи - UIMLA. Потврда за нивото на квалитетот на обуката што ја спроведуваат стручните лица на тренинг центарот се високите оценки добиени од страна на меѓународните монитори во процесот на обука на македонските водачи во планина, како и бројот од 140 водачи во планина што се обучени во периодот од 2003 до 2009 година.

Обука

Обуката се спроведува преку теоретска и практична настава, во форма на еднодневни семинари, повеќедневни семинари и електронски дописи.
Главниот облик на спроведување на наставните активности се повеќедневните семинари, кои најчесто се изведуваат во блокови од по три дена (Петок - Сабота - Недела). Меѓутоа, зависно од карактерот на кандидатите и институцијата за чија што потреба се спроведува обуката, распоредот на активностите може да се организира и на друг начин (обука во работни денови во работно време и сл).

Обем на обуката

Во текот на обуката треба да бидат реализирани најмалку десет тридневни семинари и уште десет еднодневни семинари. Дел од обуката, како што беше и претходно напоменато ќе се одвива по пат на електронска комуникација со кандидатите. Составен дел од обуката е изработка на т.н. ‘‘семинарски теми‘‘ и практична работа на терен во регионите каде што живеат кандидатите.

Вкупниот број на часови што треба да бидат реализирани во текот на еден едукациски циклус изнесува 613 наставни часа.

Задолжителни услови за вклучување во обуката

Кандидатите кои сакаат да влезат во процесот на обука за професионални водачи во планина треба да ги исполнуваат следниве услови:

  • Возраст од најмалку 18 години;
  • Завршено образование - најмалку ССС;
  • Завршена основна планинарска обука;
  • Да не им е одземена работната способност;
  • Да не се осудувани за насилство.

Приемен - селективен тест

Пред почетокот на обуката секој кандидат треба да мине приемен контролен тест. Тестот се состои од теоретска и практична проверка на нивото на подготвеност за влегување во процесот на обуката.
Критериумите за овие тестови се изработуваат според задолжителните минимални стандарди кои се препорачани од страна на меѓународната унија на водачи.

Контролни тестови

За време на обуката се спроведуваат четири теоретски контролни тестови и три практични теста кои вклучуваат и физички проверки. Контролните тестови се спроведуваат после завршување на одредена фаза од тренажниот процес и нивната цел е да се добие подобар увид во образовниот прогрес кај секој кандидат поединечно.
Успешното минување на контролните тестови е неопходен предуслов за влегување во секоја наредна фаза од обуката, како и за полагање на завршните испити.

Завршен испит

Завршниот испит за стекнување Диплома за Аспирант за водач во планина се полага во следниве неколку фази:

  1. Завршен прaктичен испит каде се вклучени и физички проверки;
  2. Писмен тест;
  3. Усмен испит - интервју.

Завршниот испит се полага пред петчлена комисија составена од стручниот тим на тренинг центарот, при што мора да има најмалку тројца лиценцирани водачи во планина - инструктори и двајца универзитетски предавачи.

Дипломата за аспирант за водач во планина се издава со важност од три години. Во тој период кандидатот е должен да го заврши процесот на стажирање, за да се стекне со право да полага завршен државен испит за носител на лиценца за професионален водач во планина.

Стажирање

По стекнувањето на диплома за Аспирант за водач во планина, кандидатот минува низ процес на стажирање кој трае шест месеци и истиот се одвива под менторство на лиценциран водач во планина кој има право да врши инструктажа и менторство. Кандидатот има право сам да си одбере ментор или за истото да побара помош од тренинг центарот.
Во текот на овој период кандидатот е должен, меѓудругото, како водач на групи да реализира:

  • Најмалку 10 тури на планина;
  • Најмалку три тури на врвови повисоки од 2000 метри;
  • Најмалку три тури во зимски услови;
  • Најмалку две тури со ноќевање во шатори.

После успешно завршениот стаж и добивање позитивно мислење од страна на менторот, кандидатот добива право за полагање на завршниот испит за лиценца.

Завршен испит за добивање лиценца за работа како професионален Водач во планина


Завршниот испит е теоретски и тој се полага пред државна испитна комисија составена од преставници на тренинг центарот, Македонската асоцијација на интернационални водачи во планина, преставник од една од туристичките комори во Република Македонија и преставник од ресорното Министерство (Економија - сектор туризам).
Со успешното полагање на државниот испит кандидатот се стекнува со право за користење на лиценца за работа како водач во планина.

Важноста на лиценцата е со рок од една година, т.е. кандидатот е должен, како што е и погоре напоменато, еднаш годишно да посети семинар за релиценцирање кој обично трае два до три дена и кој што е организиран од страна на тренинг центарот на Македонската асоцијација на интернационални водачи во планина.

При вршењето на својата дејност водачот во планина е должен да се придржува до одредбите од Правилникот за работа на МАИВП и Законот за туристичка дејност во Р.М.

Скопје, Ноември 2009 година.

Македонска Асоцијација на Интернационални Водачи во Планина
Претседател: Костантин Циривири