ПРАВИЛНИК ЗА РАБОТА НА ВОДИЧИТЕ ВО ПЛАНИНА ПРИ МАКЕДОНСКАТА АСОЦИЈАЦИЈА НА ИНТЕРНАЦИОНАЛНИ ВОДИЧИ ВО ПЛАНИНА


Дефиниција и активност


Член 1

Водич во планина е лице кое согласно со актите за работа на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина (МАИВП) и програмата за обука има завршено обука и го има положено завршниот испит за вршење на оваа дејност и е впишан во списокот на активни водичи во планина.
Водичот во планина е обучен според критериумите од платформата за обука (препорачани тренинг стандарди) на меѓународната унија на професионални водичи во планина - UIMLA (Union of international mountain leaders associations).

Водичот во планина се занимава, постојано или повремено со следниве дејности:

  • водење лица на тури на планина во зимски и летен период на нетехнички терен без употреба на алпинистичка опрема;
  • водење лица на зимски тури на планина со дрезги;
  • стручни обуки од областа на планинарството.

Водичот во планина работи според критериумите за работа препорачани од страна на меѓународната унија на професионални водичи во планина - UIMLA (Union of international mountain leaders associations), односно професијата International Mountain Leader.

Водичите што ќе завршат дополнителната обука за планински велосипедизам можат да водат клиенти во планинскиот велосипедизам на територијата на Република Македонија;

Водичите во планина што ќе завршат дополнителна обука за турно скијање можат да водат клиенти за турно скијање, на територијата на Република Македонија;

Професијата водич во планина е слободна професија.

Компетенции

Член 2

Критериумите за вршење на дејноста Водич во планина произлегуваат од стандардите за обука и работа на професијата International Mountain Leader.

Обуката за стекнување на називот водич во планина и за занимавање со професијата се изведува во Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина согласно со утврдената програма за обука.

Обуката во Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина е прилагодена според платформата за обука и работа на меѓународната организација на професионални водичи во планина - UIMLA.

Водичи во планина од странство

Член 3

Член на МАИВП може да биде и лице кое има завршено обука за оваа дејност и се стекнало со називот International Mountain Leader во институција на странска земја чија што организација на водичи во планина е членка на меѓународната унија на професионални водичи во планина – UIMLA (Union of international mountain leaders associations).

Евиденција

Член 4

Списокот на водичи во планина се води во Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина.

Досието за обука на секој водич, процесите на дообучување, усовршување и релиценцирање, се чуваат и водат во архивата на МАИВП.

Списокот на водичи во планина ги содржи следниве податоци:

  1. реден број,
  2. име и презиме,
  3. датум и место на раѓање,
  4. државјанство,
  5. адреса на живеење,
  6. ЕМБГ,
  7. датум на првото запишување во именикот,
  8. податоци за полисата за осигурување,
  9. датум на издавање и рок на важност на легитимацијата (копија од легитимацијата),
  10. датум на испишување од списокот,

За секоја промена во горе наведените податоци, водичот е должен да го извести здружението во рок од триесет денови од денот на настанување на промената.

Во списокот на водичи членови на МАИВП може да се впише секој водич во планина кој е член на МАИВП, кој е државјанин на Република Македонија или има дозвола за работа во земјата.

Запишувањето во списокот се обновува секоја година најдоцна до први Март.

Водич во планина кој не е државјанин на Република Македонија и кој се стекнал со називот во некоја странска земја согласно со одредбите на член 3 од овој правилник, може да биде впишан во списокот на водичи во планина доколку има регулирано престој на територијата на Република Македонија.

Потребната документација за внесување во списокот се доставува до МАИВП.
Водичот во планина ќе биде избришан од списокот во МАИВП доколку не ги исполни одредбите предвидени со овој правилник или пак направи прекршоци кои согласно со одредбите на правилникот се санкционираат со бришење од списокот.

МАИВП секоја година до крајот на месец Март го поднесува списокот на активните водичи во планина до Министерството за Економија на Р. М.

Врз основа на зачленувањето на водичот во МАИВП и неговото вклучување во списокот на активни водичи, на водичот му се издава легитимација за работење за тековната година.

Легитимација и важност

Член 5

Обновување на важноста на легитимацијата, односно на статусот на активен водич и упис во регистарот на активни водичи се врши со:

  • Присуство на најмалку еден семинар за релиценцирање во текот на една календарска година;
  • Платена членарина за тековната календарска година;
  • Почитување на одредбите од правилникот за работа на водичите на МАИВП;
  • Почитување на одредби од Законот за туристичка дејност на РМ;

Семинарите за релиценцирање на водичите во планина ги организира тренинг центарот при МАИВП. Секој водич во планина е должен најмалку еднаш годишно да присуствува на еден семинар за релиценцирање.

Доколку водичот бил со статус на неактивен член во времетраење од три години, за повторно обновување на статусот на активен водич, треба да ги исполни следниве услови:

  • Да присуствува на најмалку три семинари со активно учество на истите, за релиценцирање или дообука;
  • Успешно да помине проверка на физичката подготвеност;
  • Да ја плати членарината за тековната година;

Трошоците за учество на семинарот ги сноси самиот водич во планина.

Вршење на дејноста

Член 6

Водичите во планина при вршењето на својата професија се должни:

а) Да ги превземат сите потребни мерки за безбедно одвивање на планираната тура на планина и да ги почитуваат одредбите од прирачникот за безбедносни процедури.

б) бројот на водените клиенти во групата да не биде поголем од 12 (дванаесет) лица во летни услови и 6 (шест) лица во зимски услови. Во случај на поголем број клиенти во групата, потребно е ангажирање на еден или повеќе дополнителни водичи или приправници, зависно од вкупниот број на клиенти.

в) Водичите во планина имаат право и должност да ги предупредуваат и информираат своите клиенти за:

  • Лично преставување на водичот пред клиентите;
  • Сите карактеристики на планираната тура, вклучувајки ги и факторите на ризик (така наречен “брифинг“);
  • Временската прогноза;
  • Потребата од евентуални промени во планираната маршрута;
  • Потребната лична опрема за изведување на турата;
  • Потребното ниво на физичка подготвеност на клиентите;

г) Водичот на планина не смее да води клиенти на таканаречен технички терен каде што е неопходна употребата на алпинистичка опрема.

д) Доколку водичот во планина увиди дека некој друг водич врши кршење на одредбите од овој правилнк, за истото е должен да ги извести органите на МАИВП.

Клиенти

Член 7

Доколку клиентите не ги почитуваат инструкциите за безбедно движење добиени од водичот, водичот има право да ја прекине турата, при што мора да овозможи безбедно враќање од турата за сите клиенти во групата. Во ваков случај водичот има право да ја пресмета целосната тарифа – надомест (хонорар) за турата.

Прекин на турата

Член 8

Доколку турата е прекината заради виша сила или неспособност на водените, водичите имаат право да ја наплатат целосната тарифа (надоместок, хонорар).

Несреќа на планина

Член 9

Во случај на несреќа водичот во планина е должен да укаже помош на повредените, независно дали се припадници на неговата група или не, при што не смее да се занемари грижата за безбедноста на членовите во неговата група.

Член 10

Водичите во планина не се должни да ги носат ранците или другата опрема на нивните клиенти.

Тарифа за услугите

Член 11

Тарифата што ја наплаќа водичот за своите услуги при водењето на турата на планина преставува збир на износот од:

  • Хонорарот - надокнадата за водењето на турата;
  • Надокнада за трошоците кои ги има водичот при подготвката за турата;
  • Надокнада за амортизација на опремата;

Најниската тарифата за водење на тура на планина изнесува:

а) За тури кои се со времетраење од најмалку 5 (пет) часа, на клиентите им се пресметува тарифа која не смее да биде пониска од 60 ЕУР (во денарска противвредност), не сметајки го данокот и другите придонеси кои се плаќаат по основа на ангажманот.

б) За тури кои се со времетраење помалку од 5 (пет) часа, на клинетите им се пресметува тарифа во висина од 15 (петнаесет) ЕУР (во денарска против вредност) за секој час од времетраењето на турата. Во овој износ не се вклучени, данокот, придонесите и другите давачки кои произлегуваат од ангажманот.

в) Во тарифата не се вклучени трошоците за транспорт, исхрана и сместување на водичот, за времетраењето на турата. Овие трошоци паѓаат на товар на туристичката агенција - организатор на патувањето, односно, клиентите и не се дел од тарифата - надокнадата за водичот.

г) Во случај на исчекување и пролонгирање на почетокот на турата заради невреме, неподготвеност на клиентите или виша сила, времето за чекање се тарифира согласно со одредбите на овој член од правилникот.

д) Потребното време за транспорт до почетната точка на турата, како и времето за враќање назад од крајната точка преставува дел од времетраењето на турата;

ѓ) При ангажирање на водич во планина од страна на друг водич во планина, висината на тарифата е предмет на меѓусебен договор, при што тарифата кон туристичката агенција, односно клиентите не смее да биде пониска од одредбите предвидени со точките а), б), в) и г) од овој член на правилникот.

Членарина, членување

Член 12

За гарантирање на стручноста и професионалноста во работењето на водичите во планина, водичите во планина се здружуваат во Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина – МАИВП и ги почитуваат одредбите на овој Правилник за работа.

Членарината за членувањето во МАИВП изнесува 500,оо (пет стотини) денари за секоја година.

Секој активен водич кој е член на МАИВП е должен да има осигурителна полиса за одговорност кон трети лица како и да биде самиот осигуран од незгода.

Најнискиот износ за осигурување го одредува МАИВП на почетокот на секоја година.

Казнени одредби

Член 13

Водич во планина кој при своето работење не се придржува кон одредбите од овој правилник ќе биде казнет со одземање на легитимацијата за работа и бришење од списокот на активни водичи за тековната година;

Водич во планина кој врши дејност водење клиенти во планина без при тоа да биде внесен во списокот за тековната година треба да плати надоместок од 100 (сто) ЕУР во денарска против вредност за впишување во списокот и добивање легитимација за работа, доколку ги исполнува и останатите одредби од Член 5 на овој Правилник.

Водич во планина кој нема да се придржува кон одредбите на овој правилник а кои се однесуваат на тарифирањето на услугите, како и регулирање на бројот на клиентите во групата, за време на турата на планина, ќе биде казнет со парична казна во висина од 150 (стои педесет) ЕУР во денарска против вредност или ќе му биде изречена забрана за работа.

Водич во планина кој ќе се обиде да анимира клиенти со ветување дека ќе наплатува тарифа пониска од предвидената со одредбите на овој правилник, ќе биде казнет со парична казна во висина од 300 (триста) ЕУР во денарска противвредност или ќе му биде изречена забрана за работа.

Водич во планина кој ќе соработува со правни и физички лица кои ги кршат одредбите на правилникот за работа на МАИВП, Законот за туристичка дејност на РМ и принципите на работење во планинскиот туризам, ќе биде казнет со парична казна во висина од 300 (триста) ЕУР во денарска противвредност или ќе му биде изречена забрана за работа.

Водич во планина кој при вршење на дејноста ќе го наруши угледот на професијата како и авторитетот на МАИВП, ќе биде казнет со парична казна во висина од 300 (триста) ЕУР во денарска противвредност или ќе му биде изречена забрана за работа.

При кршење на одредбите на овој правилник водичот може да биде казнет и со писмена опомена.

Времетраењето на забраната за работа изнесува најмалку една година, доколку водичот во тој период не направи никаков прекршок по основ на одредбите на правилникот за работа и ги регулира одредбите предвидени со овој член.

При одредување казнени мерки кон некој водич во планина, МАИВП е должна да ги извести сите туристички оператори за истото, вклучувајки ги и агенциите со кои водичот има склучено договори за услуги.

Водичот во планина може да биде казнет најдоцна до една година од денот на извршувањето на прекршокот. После тој период прекршокот се смета за застарен.

Застарувањето на прекршокот не го ослободува водичот во планина од моралната одговорност и одговорноста по основа на етичкиот кодекс на МАИВП.

Односи со туристичките агенции

Член 14

  • При ангажирање од страна на туристичка агенција за водење на клиенти на планина, водичот е должен да ги почитува одредбите од договорот со агенцијата.
  • Водичот е должен да го штити деловниот интерес на туристичката агенција која што го ангажирала.
  • Комуникацијата со клиентите (писмена, интернет) се врши со посредство на туристичката агенција.
  • За секоја промена во турата и планираниот итенерер водичот е должен да ја извести навреме туристичката агенција која што го ангажирала.

Давајки услуга на туристичка агенција која што го ангажирала, водичот не смее да го нарушува деловниот интерес на други туристички агенции нудејки ги своите услуги или услугите на матичната туристичка агенција на туѓи клиенти.

Потврда за квалификациите

Член 15

Потврда за квалификуваноста на водичот во планина преставува дипломата за завршена обука издадена од страна на МАИВП или сродна организација членка на UIMLA, како и легитимацијата за работа издадена за тековната година.

Во легитимацијата за работа е содржано следново:

  • фотографија на водичот,
  • име презиме испишано на кирилица и латиница,
  • годината на важност на лиценцата,
  • знакот на МАИВП,
  • потпис и печат од МАИВП,
  • бројот на водичот во планина со кој што е евидентиран во единствениот список на водичи при МАИВП.

Легитимацијата има димензии 9 Х 6 цм.

При вршење на својата дејност водичот во планина е должен да ја носи легитимацијата со себе и да ја покаже истата пред клиентите, а на својата облека како и на ранецот да го има знакот на МАИВП.

Овој правилник за работа на Водичите во планина е усвоен на седницата на Управниот Одбор на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина одржан на 17.12.2016 година и стапува во сила од Јануари 2017 година.