Програма за обука на професионални водичи во планина според IML (International mountain leader) стандардот која е во надлежност на меѓународната унија UIMLA

Вовед
IML (International mountain leader) стандардот претставува меѓународен стандард за професионалните водичи во планина кои се занимаваат со водење клиенти на пешачки планинарски тури, т.е. планинарски тури на ‘‘не технички терен‘‘ каде што не е потребно познавање на специјализирани планинарски техники и вештини, како што се алпинизам, турно скијање или спелеологија и каде што нема потреба од користење на алпинистичка опрема.
Заради техничката особеност на ваквиот тип активности, оваа категорија на планинарски тури уште се викаат и mountain walking tours.

Интернационалниот Планински Лидер НЕ СМЕЕ ДА ЈА КОРИСТИ СВОЈАТА ЛИЦЕНЦА И БЕЏ ЗА АНИМИРАЊЕ И ВОДЕЊЕ КЛИЕНТИ НА ТЕХНИЧКИ ПЛАНИНСКИ ТЕРЕН - АЛПИНИСТИЧКИ ТЕРЕН, каде што за совладување на теренот е неопходно познавање на алпинистичките техники, како и користење на алпинистичка опрема.

Програмата за обука, се однесува на обуката на водичи во планина според IML (International mountain leader - mountain walking tours) и таа е прилагодена според стандардите на меѓународната унија на професионални водичи во планина UIMLA - Union of International Mountain Leaders Associations.
Стандардите на UIMLA се препорачани од страна на ЕУ - "European Union Directive for development of common standards for professional mountain leaders throughout Europe".

МАКЕДОНСКАТА АСОЦИЈАЦИЈА НА ИНТЕРНАЦИОНАЛНИ ВОДИЧИ ВО ПЛАНИНА - МАИВП е национална организација на професионалните водичи во планина од Македонија која е членка на меѓународната унија на професионални водичи во планина - UIMLA од 2008 година, а од 2018 година е полноправна членка со право за издавање лиценци за професионални водичи во планина (UIMLA - IML International Mountain Leader).

Лиценците што ги издава МАИВП - UIMLA КАРНЕТИТЕ, се унифицирани за сите членови на UIMLA и имаат меѓународна валидност, кое што повлекува и обврски за придржување до меѓународните стандарди за обука и лиценцирање на водичите и почитување на нормите за професионално работење со клиенти во планинскиот туризам.

Стандардите за обука на водичите во планина препорачани од страна на UIMLA се дефинирани во документот под наслов UIMLA STANDARD - STANDARD FOR ACCESS TO AND PRACTISE OF THE PROFESSION OF THE INTERNATIONAL MOUNTAIN LEADER, кој е усогласен со европското законодавство.

Во Република Северна Македонија програмата за обука на Интернационални Водичи во Планина ја спроведува Центарот за образование, наука и истражување Планинска Академија Маврово, која што е одобрена од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија со Решение бр. 10 - 115/23.

Вршењето на дејноста на Интернационалните Планински Водичи во Република Северна Македонија е дефинирана со ЗАКОНОТ ЗА ТУРИСТИЧКА ДЕЈНОСТ во ЧЛЕНОТ 39 СТАВ 3, како единствени стручни лица кои можат да водат туристички групи на планина.

Лиценцата - карнетот за професионален Водич во Планина се издава со налепница - стикер со единствен евиденциски број за носителот на истата, која што има рок на важност од една година. За продолжување на важноста на лиценцата, водичот е должен еднаш годишно да посети семинар за релиценцирање - обновување на важноста на легитимацијата кој обично трае два до три дена, како и да ги подмири обврските зе членарина во МАИВП и да ги почитува одредбите од актите за работа на организацијата.

Водењето клиенти во планина содржи елементи од повеќе различни дисциплини и вештини, а не само познавање на туристичкото работење, кое во суштина е само дел од целокупното работење на водичот. Тргнувајки токму од специфичниот карактер на дејноста, неопходно е постоење на квалитетен и строг систем за обука, со цел извршувањето на професијата да биде пред се безбедно, а потоа и квалитетно, согласно со сите меѓународни стандарди на модерното туристичко работење.

За да се исполнат критериумите на меѓународните стандарди, процесот на обука е поделен во неколку фази, кои меѓусебно се поврзани во заедничка целина, која што овозможува формирање на квалитетни професионалци кои ќе можат компетентно да ги извршуваат своите задачи и да даваат квалитетни услуги во планинскиот туризам:

Прва фаза - Селекција на кандидатите преку практични и теоретски тестови;

Втора фаза - Обука до стекнување на статус на Аспирант за Интернационален Планински Лидер;

Трета фаза - комплетирање на обуката со полагање на зимски и летен завршен испит и исполнување на стажантските критериуми кои опфаќаат водење најмалку 10 летни и 10 зимски тури со клиенти на планина кои се одвиваат под менторство на лиценциран Водич во планина, носител на UIMLA обновена лиценца и член на тимот за обука при Планинска Академија.

Цел на обуката
Обуката за водичи во планина има за цел да ги оспособи кандидатите, идните водичи, за извршување на следниве активности:

  1. Да бидат способни да придружуваат клиенти и безбедно да водат групи на планина, во летни и зимски услови.
  2. Да бидат спсособни да вршат процена на нивото на подготвеност на клиентите во корелација со тежината на планинската тура.
  3. Да бидат способни да извршат правилно планирање на планинската тура и истата безбедно да ја реализираат придржувајки се до основните принципе за безбедност на планина.
  4. Да знаат правилно да ракуваат со личната и колективната планинарска опрема, како и да ги познаваат принципите за нејзино чување и одржување, и за истото да ги советуваат лицата кои им се доверени на водење во планина.
  5. Да ги познаваат основните принципи на метеорологијата и предвидување на временските прилики.
  6. Да ги познаваат принципите за ориентирање во планина во различни временски прилики и на различен по конфигурација, но нетехнички терен.
  7. Да се грижат за планинската инфраструктура, да уредуваат и маркираат планински патеки, да развиваат информативни материјали за планински патеки и планински туризам.
  8. Да ги запознат учесниците во планинската тура со природните специфики на планинскиот локалитет, како и со културните и историските особености на местата низ кои се движат.
  9. Да бидат способни да укажуваат прва помош во планина.
  10. Да знаат успешно да раководат со групата која што ја водат, вклучувајки и превенција и разрешување на евентуални внатрешни конфликти.
  11. Да ги познаваат основните принципи на работењето во туризмот, како на домашниот пазар така и на меѓународниот.
  12. Да ги познаваат основните нормативи за осигурување и безбедност во туризмот, со акцент на планинскиот туризам.
  13. Да ги познаваат принципите на заштитата на животната средина и еколошкото делување на планина.
  14. Да ги познаваат принципите и да делуваат во областа на заштитата на природното и културното наследство.

Реализација на обуката

Стручен тим
Обуката ја изведува тим од стручни лица на Центарот за образование, наука и истражување Планинска Академија - Маврово, од кои најголемиот дел се носители на лиценца за професионален UIMLA водич - International Mountain Leader, а за одредени специфични теми како што се медицина на планина, тренинг на водичите во планина, правна рамка во туризмот и слично, обуката се спроведува од страна на надворешни соработници, специјалисти во соодветната област.

Обука
Обуката се спроведува преку теоретска и практична настава, во форма на еднодневни семинари, повеќедневни семинари, самостојна работа на терен, домашни задачи од теоретски и истражувачки карактер, како и преку онлајн настава.

Главниот облик на спроведување на наставните активности се повеќедневните семинари, кои најчесто се изведуваат во блокови од по три до седум дена. Зависно од структурата на групата за обука и можностите на кандидатите, распоредот на активностите во процесот на обуката може да се организира и на друг начин (обука во работни денови, за време на работно време и сл), но во согласност со Програмата за обука одобрена од Министерството за образование и Стандардот на UIMLA.

Задолжителни услови за вклучување во обуката
Кандидатите кои сакаат да влезат во процесот на обука за професионални водичи во планина треба да ги исполнуваат следниве услови:

  • Возраст од најмалку 18 години;
  • Завршено образование - најмалку ССС;
  • Основно познавање за самостојно движење и престој на планина или завршена обука за одредена планинска спортско - рекреативна дисциплина;
  • Да не им е одземена работната способност;
  • Да не се осудувани за насилство.

Приемен - селективен тест
Пред почетокот на обуката секој кандидат треба да мине приемен контролен тест. Тестот се состои од теоретска и практична проверка на нивото на подготвеност за влегување во процесот на обуката.
Критериумите за овие тестови се изработуваат според задолжителните минимални стандарди кои се препорачани од страна на меѓународната унија на водичи и кои се содржани во документот - UIMLA Стандард.

Контролни тестови
За време на обуката се спроведуваат неколку теоретски и практични контролни тестови кои вклучуваат и физички проверки. Контролните тестови се спроведуваат после завршување на одредена фаза од тренажниот процес и нивната цел е да се добие подобар увид во образовниот прогрес кај секој кандидат поединечно.
Успешното минување на контролните тестови е неопходен предуслов за влегување во секоја наредна фаза од обуката, како и за полагање на завршните испити.

Завршен испит
Завршниот испит за стекнување Диплома за завршена обука за Интернационален Планински Лидер се полага на крајот од летните модули од обуката (завршен летен испит) и зимските модули (завршен зимски испит), а истиот се спроведува во неколку фази:

  1. Прaктичен испит каде се вклучени и физички проверки;
  2. Писмен тест;
  3. Усмен испит - интервју.

Испитите се полагаат пред тричлена комисија составена од членови на стручниот тим на Планинска Академија, при што во составот на комисијата мора да има најмалку тројца лиценцирани водичи во планина - инструктори.

Дипломата за Интернационален водич во планина се издава со важност од три години. Во тој период кандидатот е должен да го заврши процесот на стажирање, за да се стекне со право да биде носител на лиценца - карнет за професионален IML водич во планина, како и право за користење на логото и беџот на UIMLA.

Стажирање
По добивањето на статусот на Аспирант за Интернационален водич во планина, кој се стекнува со полагање на испитите или завршување на 75% од обемот на обука, кандидатот минува низ процес на стажирање и истиот се одвива под менторство на лиценциран водич во планина кој може да врши инструктажа и менторство. Кандидатот има право сам да си одбере ментор или за истото да побара помош од стручниот тим на Планинска Академија или органите на управување во МАИВП.

Во текот на овој период кандидатот е должен, меѓудругото, како водич на групи да реализира:

  • Најмалку 10 тури на планина со клиенти во летни услови;
  • Најмалку 10 тури на планина со клиенти во зимски услови;
  • Најмалку 5 од летните тури да бидат на врвови повисоки од 2000 метри;
  • Најмалку три од зимските тури да бидат на врвови повисоки од 2000 метри;
  • Најмалку три од турите во зимски услови да бидат реализирани со дрезги (snowshoes);
  • Најмалку една зимска тура и една летна тура да бидат со ноќевање во шатори.

После успешно завршениот стаж и добивање позитивно мислење од страна на менторот кандидатот се стекнува со статус на Интернационален Планински Лидер - International Mountain Leader, и доколку ги исполнува одредбите од Статутот и Правилникот за работа на МАИВП и верификација на документацијата од страна на Извршниот и Надзорниот Одбвор на МАИВП, се стекнува со право да биде носител на легитимација - карнет и беџ на UIMLA.

При вршењето на својата дејност водичот во планина е должен да се придржува до одредбите од Правилникот за работа на МАИВП и Законот за туристичка дејност во Р.М.

Скопје, Февруари 2024 година.

Македонска Асоцијација на Интернационални Водичи во Планина
Претседател: Костантин Циривири