ЕТИЧКИ КОДЕКС НА ВОДИЧИТЕ ВО ПЛАНИНА
Член 1
Најважна цел на водичот во планина е безбедноста на водените. Водичот во планина ја врши својата дејност во склад со одредбите од Правилникот за работа, критериумите за работа со кои е запознат за време на обуката, како и општо прифатените правила и прописи за безбедност на планина.
Член 2
Угледот на водичите во планина почива врз квалитетот на извршената работа од негова страна. Затоа водичот во планина се однесува колегијално, фер и непристрасно кон квалитетот на работењето на своите колеги и во конкуренцијата со нив настапува лојално.
Член 3
Водичот во планина постојано стручно се усовршува, со цел подобрување на квалитетот на работењето и кревањето на угледот на професијата.
Член 4
Стручното мислење на водичот во планина за проблемите поврзани со професијата и планинскиот туризам мора да биде непристрасно и да се темели на докажливи дејства и аргументи.
Член 5
Водичот во планина е должен да го пријави секое неетично работење на било кој член на МАИВП.
Член 6
Водичот во планина не започнува водење на тури на планина при услови кои се спротивни со одредбите на правилниот за работа, како и со одрдбите на етичкиот кодекс, и има право да го откаже водењето на турата доколку настапат такви околности и врз истите не може да влијае. При тоа, водичот мора да се грижи за безбедноста на водените клиенти.
Член 7
Водичот во планина не склучува договори за аранжмани со правни и физички лица, за кои знае дека претходно биле договорени со други водичи во планина.
Член 8
Водичот во планина не дава понуди за своите услуги кон правни и физички лица каде што други водичи во планина веќе имаат остварено сорботка.
Член 9
Водичот во планина не ги прифаќа понудите за снижување на цените - тарифите за водичките услуги.
Член 10
Водичот во планина нема да води тури на планина доколку при тоа не е платен согласно со одредбите на правилникот за работа. Исклучок е кога водичот во планина работи без надомест на доброволна основа.
Член 11
Водичот во планина мора да ги предупреди клиентите на последиците кои можат да настанат при непридржување кон упатствата дадени од негова страна.
Член 12
Водичот во планина подеднакво ги почитува и усмените и писмените договори за работење, со клиентите, со туристичката агенција од која што е ангажиран и со своите колеги.
Член 13
Водичот во планина го штити угледот и деловните интереси на туристичката агенција која што го ангажирала за водење на клиентите, почитувајки го принципот дека клиентите на агенцијата не можат да бидат директни клиенти на водичот.
Член 14
Доколку водичот во планина е ангажиран од страна на свој колега водич во планина, тој е должен да го штити деловниот интерес на својот колега и да го почитува принципот дека клиентите на колегата не можат да бидат директни клиенти на водичот.
Член 15
Кога водичот во планина води клиенти како замена за свој колега водич кој е спречен за вршење на услугата заради болест, половина од добиениот хонорар, надоместок, му го отстапува на болниот колега.
Член 16
Водичот на планина мора да им дозволи на органите на МАИВП да извршат проверка на неговото почитување на одредбите од овој кодекс.