Од 29 Октомври до 3 Ноември 2024 година во Македонија, во Скопје, се одржа Генералното Собрание на меѓународната унија на професионални водичи во планина - UIMLA. Оваа година тоа беше јубилејно, дваесето по ред откако меѓународната организација постои под сегашното име.

Ова Генерално Собрание на UIMLA беше значајно по многу работи. Покрај фактот што станува збор за јубилејно собрание, истото е значајно затоашто за време на сесиите беа усвоени новите стратешки документи на организацијата - Стандардот за пристап и обука и вршење на професијата Интернационален Планински Лидер, или попознат како UIMLA СТАНДАРД, како и документот со кој се дефинира политиката на организацијата за континуиран професионален развој, познат како UIMLA CPD POLICY. Од посебна важност за собранието е што овие документи се усвоени со максимална поддршка на сите присутни делегати, што укажува на постоење нова, прогресивна и кон соработка насочена енергија внатре во организацијата.

За нас како домаќини од исклучително значење е фактот дека речиси сите делегати и членовите на извршниот одбор на UIMLA го оценија ова Генерално Собрание како најдобро организираното досега, што е дополнителна потврда за квалитетот, зрелоста и стандардите за работа на Македонската Асоцијација на Интернационални Водичи во Планина.

За нас исто така од голема важност е фактот што ова собрание го организиравме во секоја смисла целосно самостојно - логистички, организациски и финансиски, со сопствени сили и средства на МАИВП и Центарот за образование, наука и истражување Планинска Академија Маврово, без финансиска помош од институциите, донатори или спонзори. Тоа, за нас преставува само дополнителна потврда дека без ничија помош можеме да ја преставиме Македонија, нашите професионални водичи во планина и нашата организација - МАИВП, како субјект кој не само што е „рамо до рамо“ со светските критериуми, туку преставува и трендсетер за нашата дејност на меѓународен план.

Дали ќе бидеме препознати и соодветно искористени од домашните институции во чија што надлежност е туризмот, за нас и не е толку многу важно после ова Собрание. Меѓународната заедница на професионалци во планинскиот туризам ни ги даде највисоките признанија, па оттука многу добро знаеме која е нашата вредност и што правиме за домашниот планински туризам.

Од важност за нашата земја, нашата организација, но и за регионот, е што на ова генерално собрание организацијата на професионални планински водичи од Косово беше примена во UIMLA семејството, како земја кандидат, согласно вообичаената процедура за зачленување. Косовските планински лидери беа обучувани во Планинска Академија Маврово и сертифицирани од страна на МАИВП, а нивната организација работи со безрезервна подршка и менторство од наша страна. Со тоа покажуваме и во регионални рамки дека добро го знаеме значењето на регионалната поддршка и братски подадената рака, и недвосмислено покажуваме дека само преку соработка ќе можеме да станеме дел од развиениот свет.
МАИВП го демонстрираше тоа на недвосмислен начин, и се надеваме дека со својот пример ќе ја мотивираме и пошироката општествена заедница, институциите и туристичкиот сектор, во своето работење примарно да се водат од принципите на квалитет, соработка и долгорочна визија за иднината на секторот, земјата и регионот.

Во рамки на првиот собраниски ден, по завршувањето на работните сесии, во хотелот Леонардо беше организирана интернационална вечер со дегустација на храна од различни делови на светот, специфична за секоја од земјите членки на UIMLA, традиција која се одржува со децении во континуитет.

На 2 Ноември во ресторанот Скарабар беше организирана национална вечер на Македонската храна, вино, музика и фолклор, каде што на уникатен начин беше презентирано нашето културно наследство.

На 3 Ноември беше изведена хајкинг тура до планинарскиот дом Љуботен, каде што делегатите со особено задоволство и неверојатен интерес се запознаа со најстариот планинарски дом во Македонија и со планинарскиот клуб Љуботен од Тетово.

Организацискиот одбор на јубилејното Генерално Собрание искажува голема благодарност до винаријата Тиквеш, ресторанот Скарабар, хотелот Леонардо, ПК Љуботен од Тетово и такси компанијата Наше Такси за професионалниот однос и срдечната соработка.

Сеуште не се спласнати импресиите од Собранието, ниту кај нас, ниту кај делегатите, но ние веќе размислуваме за нов настан од меѓународен карактер во рамки на UIMLA заедницата.

general assembly uimla macedonia 01 general assembly uimla macedonia 02
general assembly uimla macedonia 03 general assembly uimla macedonia 04
general assembly uimla macedonia 05 general assembly uimla macedonia 06
general assembly uimla macedonia 07 general assembly uimla macedonia 08
general assembly uimla macedonia 09 general assembly uimla macedonia 10
general assembly uimla macedonia 11 general assembly uimla macedonia 12
general assembly uimla macedonia 13 general assembly uimla macedonia 14
general assembly uimla macedonia 15 general assembly uimla macedonia 16
general assembly uimla macedonia 17 general assembly uimla macedonia 18