Од 15 до 20 Февруари во Македонија беше спроведена така наречената зимска експертиза од страна на меѓународната унија на професионални водичи во планина - UIMLA.
Летната и зимската експертиза се задолжителна обврска за секоја национална организација во процесот на верификација на обраозвната програма и системот за работа. Времето и местото на експертизите беше дефинирано во Април 2017 година за време на состанокот на техничката комисија на UIMLA.
Летната експертиза во Македонија беше спроведена во Јуни минатата година кога се изведуваше летниот испит на последната генерација водичи во планина.
Зимската експертиза беше спроведена на највисоко експертско ниво, бидејки во инспекција беа дојдени претседателот на техничката комисија на UIMLA Господинот Бил Бејли, поранешниот претседател на UIMLA Господинот Франсоа Бирти и Госпоѓата Каролин Хале од британската асоцијација на интернационални водичи. Инспекторите дадоа позитивна оценка за квалитетот на обуката, начинот на функционирање и степенот на организираност на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина.
Теренската активност од експертизата беше спроведена за време на обуката со најновата генерација водичи во планина која што се одржа на Попова Шапка од 16 до 18 Февруари. Инспекторите беа посебно импресионирани од степенот на мотивација на кандидатите и фактот што групата од 26 кандидати ја сочинуваат главно млади луѓе на возраст под 30 години.
По завршувањето на експертизата во Охрид беше одржана средба со новинарите со една единствена цел - запознавање на медиумите и јавноста со професијата водич во планина по IML - International Mountain Leader стандардот, нешто што преставува неформална обврска на секоја асоцијација при експертизите.
За жал одржувањето на средбата со новинарите, која што беше ставена во агендата на експертизата еден месец пред доаѓањето на инспекторите, се поклопи со трагичните случувања во македонското планинарство. И покрај децидниот став на преставниците на МАИВП, како и на странските експерти, дека нема да бидат давани изјави во врска со несреќата на Кајмакчалан, дел од медиумите објавија наслови и текстови кои не беа дадени ниту како изјава во формалниот дел од пресот, ниту пак за време на неформалниот дел од средбата со новинарите. МАИВП искрено жали за несоодветното информирање кое што беше повод за најразлични спекулации во јавноста во врска со мотивите за прес конференцијата.
Раководството на МАИВП го сочинуваат искусни алпинисти, спасители и планинари кои имаат искусено и многу добро знаат што значи несреќа со трагични последици во планина и затоа никој од инструкторите или извршниот одбор не би го злоупотребувал настанот за несоодветни цели. Впрочем нашата активност во изминативе триесетина години во организирањето на алпинистички и планинарски акции во нашата земја и надвор, како и учеството во голем број спасувачки интервенции е доволно силен аргумент за вистинскиот мотив на нашето обраќање до новинарите.